Mohammad Sıo
21 Октомври 2024•Ажурирај: 22 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 29 Палестинци денес се убиени во засилените израелски напади врз северниот дел на Појасот Газа, според медицински извори, јавува Анадолу.
Цел на артилериското гранатирање беше училиштето во кое се засолнети раселените цивили во близина на Биркет Абу Рашид во Џабалија, при што убиени се седум лица, а десетици се повредени, изјавија медицински извори.
Според очевидци, по наредба на израелската војска цивилите се собрале во училиштето на ОН, „Креизм“, во кое израелски тенк истрелал граната.
Шест лица, исто така, се убиени во израелскиот воздушен напад врз група цивили кои полнеле вода во Џабалија ал Балад во северниот дел на Газа, соопштија болнички извори.
Уште четворица Палестинци ги загубија животите при напад на израелско беспилотно летало врз цивили во близина на болницата „Ал-Јемен Ал Саид“ во кампот Џабалија, изјави друг медицински извор.
Исто така, три лица се убиени, а неколку се повредени во израелскиот напад врз училиштето „Ал-Шава“ во кое се сместени раселените цивили во северниот град Беит Ханун, додаде изворот.
Според очевидци, во градот Газа деветмина Палестинци ги загубиле животите, а десетици се повредени од израелското гранатирање на дом во близина на Биркет Шеик Радван во северниот дел на градот.
Израелската армија продолжи со обемната офанзива, сега 17. ден, во северниот дел на Газа во услови на опсада на областа.
Нападот беше последна епизода од бруталниот напад на Израел во кој се убиени повеќе од 42.600 луѓе, главно жени и деца, а беа повредени 99.800 од минатата година по нападот на Хамас.
Израелската армија го расели речиси целото население на Газа, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со случај на геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.