Erdoğan Çağatay Zontur
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
АНКАРА (АА) - Историските артефакти и локалитети во Иран се во голема мера оштетени во поплавите во кои загинаа 27 лица, а 19 се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Историските обележја се оштетени во покраините Мазандаран, Хузестан, Курдистан, Фарс, Систан и Белуџистан, Хормозган, како и во покраините Западен Азербејџан и Голестан“, изјави Мухамад Хасан Талебијан, заменик-претседателот на Организацијата за иранско културно наследство, занаетчиство и туризам, за иранската агенција ИСНА.
Талебијан истакнува дека ситуацијата во античката некропола Накш-е Рустам во Фарс, југозападниот дел на Иран, е алармантна, и дека во неа се видливи пукнатини во структурите.
„Бањата Вакил и чаршијата во Шираз исто така беа поплавени, но водата беше исцедена“, рече тој.
„Белиот мост во Голестан, Североисточен Иран, исто така беше зафатен од поплавата“, додаде Талебијан.
Тој нагласи дека и кулата Гонбад-е-Кабус, изградена во 1006 година, која од 2012 година е на Листата на светското наследство на УНЕСКО, е зафатена од поплавите.
Талебијан информираше дека Тахт-е Џамшид, попознат како Персеполис, главниот град на старата Персиска Империја, не бил зафатен од поплавите.
Иранските власти вчера соопштија дека поплавите во пет града предизвикале финансиски загуби од речиси 170 милиони долари.
Според Мортаза Салеми, челникот на иранската Црвена полумесечина, доставена е хуманитарна помош за над 43.000 луѓе во 293 градови и села зафатени од поплавите.