Mohammad Sıo
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Иранската армија денес се закани дека ќе изврши „посилни, пообемни и поразорни“ напади врз САД и Израел, отфрлајќи ги американските тврдења дека нејзините воени капацитети се значително ослабени, јавува Анадолу.
Предупредувањето дојде неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиското обраќање од Белата куќа изјави дека Иран има „многу малку“ преостанати ракетни лансери и дека неговата способност за лансирање ракети и беспилотни летала е значително намалена.
Трамп додаде дека очекува војната да продолжи уште две до три недели, но оцени дека конфликтот се приближува кон крај.
Во одговорот на таквите изјави портпаролот на иранскиот Централен штаб Хатам ал-Анбија (единица задолжена за надгледување на воените операции), цитиран од новинската агенција „Фарс“, изјави дека процените на САД и Израел за воената моќ на Иран се погрешни.
„Како што кажавме, им порачуваме на ционистичко-американските непријатели, вашите информации за нашата воена сила и опрема се нецелосни. Вие сте целосно неинформирани за нашите огромни и стратегиски капацитети“, изјави портпаролот.
Тој ги отфрли тврдењата дека се уништени иранските погони за производство на ракети и напредните системи.
„Не мислете дека сте ги уништиле нашите стратегиски центри за производство на ракети, нашите долгорочни офанзивни дронови, современите системи за противвоздушна одбрана и електронско војување или нашата специјална опрема затоа што таквите претпоставки само ќе ја влошат ситуацијата“, додаде тој.
Портпаролот нагласи дека стратегиското воено производство на Иран продолжува на непознати локации, надвор од дофатот на неговите противници.
„Центрите што ги замислувате се од мала важност, а нашето стратегиско производство се одвива на места што не ги знаете и никогаш не ќе можете да ги достигнете“, рече тој.
Тој предупреди дека интензитетот на иранските напади ќе се зголеми.
„По моќните и неверојатни напади што ги претрпивте досега, од нас очекувајте дејства што ќе бидат посилни, пообемни и поразорни“, изјави портпаролот.
Според него, војната ќе продолжи сè додека противниците на Иран „не ослабат, не бидат понижени, целосно не зажалат и не се предадат“.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа повеќе од 1.340 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.