Mustafa Melih Ahıshalı
18 Декември 2022•Ажурирај: 20 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - На демонстрациите во Иран што започнаа по смртта на Махса Амини, досега животот го загубија 469 лица, објави иранската Канцеларија за човекови права (IHR), известува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот објавен на интернет-страниците на ИХР, со седиште во Норвешка, споделени се информации за демонстрациите што во Иран траат речиси 100 дена.
Извештајот вклучува бројки за 25 од 31 покраина во Иран. Вкупниот број загинати на демонстрациите достигна 469, а најмногу жртви (130) се регистрирани во покраината Систан и Балуџистан, каде што мнозинство се сунити. Во Техеран животот го загубија 50 лица.
Се наведува дека меѓу загинатите, 63 демонстранти се помлади од 18 години, а 32 биле жени.
Од друга страна, во извештајот се наведува дека досиејата на најмалку 39 приведени во текот на демонстрациите се проследени до судот со барање за смртна казна, а 11 од нив веќе се осудени на смрт.
ИХР го критикуваше иранското правосудство поради нетранспарентноста во врска со егзекуциите, тврдејќи дека тоа е така направено за да се создаде неизвесност во врска со одлуките на луѓето што им се суди, оневозможувајќи им избор на адвокат и средби со нивните семејства.
Во меѓувреме, Риза Исламдост, Ејуб Аљијани, Ферзат Техзаде, Неџир Ахмади, Химен Шахи и Мухамед Буругани се префрлени во посебен затвор каде ќе чекаат да бидат погубени.
Демонстрациите низ земјата избија поради смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември, која беше приведена од државната полиција за морал во Техеран поради наводно кршење на кодексот на облекување.
Полицијата негираше дека ја малтретирала Амини, наведувајќи дека таа починала од срцев удар, но нејзиното семејство тврди дека таа претходно немала срцеви заболувања.
Во извештајот се вели дека на демонстрациите од слобода се лишени илјадници луѓе.