Ahmet Dursun
31 Декември 2019•Ажурирај: 01 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека едностраните економски санкции на Соединетите Американски Држави (САД) го чинат Иран 200 милијарди долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според иранската официјална новинска агенција ИРНА, Рохани на церемонијата на отворање на железничката пруга во градот Кереч, го оцени влијанието на санкциите на САД врз неговата земја.
Опишувајќи ги санкциите како „економска војна“, Рохани нагласи: „Да не бевме изложени на санкции од 2016 година до денес, земјата ќе имаше 200 милијарди долари повеќе. Во земјата однадвор ќе влезеа кредити од 100 милијарди долари.“
Рохани, реагирајќи на критиките на конзервативните опозициски групи за економијата во земјата, рече дека поради санкциите земјата претрпува загуби од 200 милијарди долари.
„Една група вели ’Што направија санкциите [кон економијата]? Да ја зајакнеме борбата против санкциите.‘ Еден човек, без разлика колку е силен, ако не може да најде вода и храна, тој ќе биде изложен на опасност“, рече Рохани.
Наведувајќи дека се свесни за сѐ потешките економски услови во кои живеат граѓаните, Рохани рече дека Владата работи напорно за решавање на проблемите.
Иранскиот претседател се осврна и на 4-дневната заедничка воена вежба на Иран, Русија и Кина во Арапското Море и Индискиот Океан која заврши вчера: „Вежбата не е едноставна работа. Затоа што ги налути пљачкосувачките сили.“