Cem Genco
05 Јули 2019•Ажурирај: 07 Јули 2019
ХАТАЈ (AA) - Џем Генџо
Сиријката Хатиџа Ахмет (38), која пред неколку години заедно со уште четири пријателки била заробена од силите на сирискиот режим, за Anadolu Agency (AA) говореше за сите страдања и тортури низ кои поминала во подземниот затвор.
Раскажа дека пред четири години била заробена во Дамаск по што била однесена во подземен затвор, каде што била изложена на тортури.
Една година подоцна е докажано дека не е виновна и е пуштена на слобода, а заедно со четирите пријателки биле обвинети дека ги вооружувале опозициските групи.
Истакна дека во текот на престојувањето во подземниот затвор ѝ недостасувало сонце и светлост.
„Малку светлост имавме само во моментите на претепување и измачување. Телото ми беше изложено на разни методи на мачење. Нè удираа и секогаш бевме во темница. Со палки ми искршија неколку прсти. Со денови бевме гладни, а и кога ни даваа храна, лебот беше сув и бајат. Цела година не видов сонце, а во подземниот затвор доживеав најлоши моменти. Тоа ми беа најтешките денови во животот“, рече Хатиџа.
Пријателките кои се заробени заедно со неа ги видела само во текот на првите две недели, по што повеќе не знаела што се случува со нив.
„Во мрак некако беше уште потешко и поболно. Кога ме раздвоија од пријателките, изгубив секаква надеж. Година дена поминаа, а не знаев дали надвор е ден или ноќ. Затворот во кој бевме беше шест ката под земјата. Кога сфатија дека не сум виновна, ме пуштија. Кога излегов надвор, долго време не можев да ги отворам очите“, раскажа Хатиџа.
Раскажа дека најмногу ѝ недостасувале детето и сопругот.
„Ме чекаа пред затворот. Пресреќна бев што сум жива и што сум со своите најмили. Таму беше како во пеколот - не нè убиваа, но секој ден врз нас вршеа разни тортури. Беше вистинско чудо кога ме пуштија. Секогаш мислев на пријателките кои заедно со мене влегоа во затвор. Дури не знаеме дали се живи или не. Се надевам дека овие тешки денови никогаш повеќе нема да се повторат и дека ќе престанат страдањата и болката во мојата земја“, рече таа.
Откако излегла од затворот, отишла во Идлиб, каде што продолжила да живее со семејството, но тука сепак не престануваат нејзините маки.
Нејзиниот сопруг е ранет од бомба која падна на пазар, по што починал во болница, а Хатиџа остана сама со деветгодишното дете, со кое пред две години дошла во местото Рејханли, недалеку од турскиот град Хатај, каде што, како што рече, се обидуваат да го продолжат животот.