Ahmad Adil
19 Ноември 2026•Ажурирано: 19 Ноември 2026
Источниот брег на Индија се подготвува за силната циклонска бура Акван, властите евакуираат илјадници луѓе на побезбедни локации додека бурата се приближува, соопштија денес официјални претставници, јавува Анадолу.
Во сојузната држава Одиша, во округот Ганџам, евакуирани се речиси 40.000 луѓе, а процесот на евакуација сè уште трае, изјавија надлежните.
Во објава на американската платформа на социјални медиуми X, државните власти наведоа дека идентификувале „941 село во шест окрузи кои се изложени на ризик од лизгање на земјиштето, со цел да се обезбеди навремена евакуација, следење на состојбата и соодветна реакција“.
„Администрацијата будно ја следи ситуацијата деноноќно и е целосно подготвена да го заштити секој човечки живот“, се вели во објавата.
Индискиот метеоролошки оддел (IMD) соопшти дека силната циклонска бура Акван се очекува до петок напладне да стигне до брегот во близина на северниот дел на сојузната држава Андра Прадеш, Јанам и јужниот дел на Одиша, во источна Индија. Се очекуваат континуирани ветрови со брзина од 90 до 100 километри на час, со налети што ќе достигнат до 110 километри на час.
Индија неодамна беше погодена од два големи циклона, Мурасу и Арнаб, кои предизвикаа големи штети во Андра Прадеш.