Barış Seçkin
08 Август 2022•Ажурирај: 11 Август 2022
РИМ (АА) - Деактивирана е бомба од Втората светска војна, откриена во коритото на реката По, Италија, чиј водостој опадна поради сушата во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сушата доведе до тоа во најголемата река во земјата, По, да биде откриена неексплодирана бомба фрлена од авион за време на Втората светска војна.
Експертите за бомби на италијанската армија ја уништија бомбата откриена од рибари на 25 јули во делот на реката По што минува низ градот Борџо Вирџилио, во близина на градот Мантова.
За време на операцијата за деактивирање на бомбата, од безбедносни причини беа евакуирани приближно 3.000 луѓе кои живеат во околината. Исто така и железничкиот сообраќај во регионот беше запрен извесен период. Наведено е дека бомбата е произведена во Соединетите Американски Држави.
Оклопно возило на нацистите беше пронајдено во коритото на По, повторно кај Мантова, откако водите се повлекоа во март минатата година.
Во Италија, минатиот месец Владата прогласи вонредна состојба за борба против сушата во областите каде што минува реката По. Се нагласува дека ова е најголемата суша во последните 70 години.