Giovanni Legorano
25 Мај 2024•Ажурирај: 04 Јуни 2024
РИМ (АА) - Италијанската премиерка Џорџa Мелони денес ја истакна поддршката на нејзината земја за постигнување одржлив прекин на огнот во Газа, јавува Анадолу.
На состанокот со палестинскиот премиер Мухамед Мустафа во Рим, Мелони рече дека ги поддржува меѓународните напори за ослободување на сите преостанати заложници држени во Газа од страна на Хамас и за драстично подобрување на дистрибуцијата на хуманитарна помош за цивилното население во Газа.
Италија ќе го зголеми своето финансирање за иницијативата „Храна за Газа“ што ја започна во соработка со неколку меѓународни хуманитарни организации, со цел да се обезбеди поголема помош во блокираната енклава, соопшти нејзиниот Кабинет.
„За време на состанокот, премиерката Мелони ја повтори и потребата од рестартирање на политичкиот процес кој ќе доведе до траен мир заснован на дводржавното решение “, се истакнува.
Од друга страна, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани го информирал Мустафа дека италијанската Влада одвоила 35 милиони евра нови финансиски средства за палестинските цивили, од кои 5 милиони ќе бидат наменети за Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА), според италијанските медиуми.