Aness Suheil Barghoti
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
ЕРУСАЛЕМ (АА) - Израелската десничарска партија Ликуд денеска свика итен состанок, поради високата излезност на арапската заедница и левичарите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јави израелскиот „Канал 7“, високите претставници на партијата Ликуд во резиденцијата на премиерот ќе одржат итен состанок.
Портпаролот на Ликуд истакна дека состанокот е свикан „поради високата излезност на Арапите и левичарите“.
Арапската здружена листа денеска соопшти дека стапката на излезност е зголемена во местата каде што живеат Арапи во однос на изборите во април.
Од Арапската листа додадоа дека постои голема разлика во вкупната излезност споредбено со гласањето во 2015 година.
Во Израел се одржуваат вторите парламентарни избори оваа година, поради неуспехот на премиерот Бенјамин Нетанјаху да формира влада по изборите одржани во април. Експертите очекуваат дека е можно да има и трет круг на изборите доколку кризата за формирање влада продолжи.
Израелската Централна изборна комисија денеска соопшти дека право на глас во постоечките 10.915 гласачки места во Израел имаат вкупно 6,3 милиони луѓе. Гласачките места ќе бидат затворени во 22 часот по локално време.
За 120 места во израелскиот Парламент (Кнесет) се натпреваруваат 32 избирачки листи. Експертите и анкетните центри за следење на изборите очекуваат само 10 од тие листи да се издвојат во трката за места во Парламентот.