Şerife Çetin
17 Септември 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја изрази загриженоста на НАТО и сојузниците поради нападот извршен врз постројките и комплексот на саудиската нафтена компанија „Арамко“ (Aramco), порачувајќи дека тоа претставува сериозно загрозување на безбедноста во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„НАТО и сојузниците се загрижени за настаните кои доведоа до нарушување во глобалното снабдување со енергија. Одблизу го следиме развојот на случувањата и загрижени сме“, порача Столтенберг, одговарајќи на прашањето на новинарот на АА.
Столтенберг ги повика сите страни на воздржаност и предупреди дека вакви случувања сериозно ја загрозуваат безбедноста во регионот.
Саудиска Арабија соопшти дека поради саботните напади ја прекинува работата на нафтените постројки на компанијата „Арамко“ во Абкаик и Хураис, и дека очекува дел од производството во најголемиот комплекс во Абкаик да биде компензирано.
Нападот врз саудиските нафтени комплекси, кои имаат удел од 5 отсто во светското производство на нафта, го осудија бројни меѓународни организации и држави, вклучувајќи ги и ОН, ЕУ, Турција и САД.
Во саботата, околу 4 часот наутро, беше изведен напад со дронови врз две постројки на саудиската национална компанија „Арамко“. Иако за нападите никој не беше посочен, Хусите преку соопштение ја презедоа одговорноста за нападот.
Гласноговорникот на коалициските сили, кои ги предводи Саудиска Арабија, Турки ал Малики, изјави дека нападите се изведени со иранско оружје надвор од Јемен.