НИЦА (АА)
- Фејза Бен МОХАМЕД / Аурора БОНИ
Во ноември 2017 година, на почетокот од првиот мандат, претседателот на Франција, Емануел Макрон, се обврза пред 800 студенти во западноафриканската земја Буркина Фасо дека ќе ги врати делата украдени од Африка во текот на колонијалниот период, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Африканското наследство мора да биде изложено во Африка“, изјави тогаш Макрон и додаде: „Не можам да прифатам голем дел од културното наследство на неколку африкански земји да остане во Франција.“
Вети дека „во тек од 5 години ќе бидат исполнети условите за привремена или конечна реституција (враќање) на африканското наследство во Африка“.
Тоа беше пред 5 години.
За да ја процени состојбата, Макрон во 2018 година именуваше двајца експерти да ги проучат и да дадат свои препораки за реституција на африканските дела.
Бенедикт Савоа, историчар на уметност и член на Францускиот колеџ, и Фелвин Сар, сенегалски писател и академик, задолжени се да ги истражат условите под кои делата би можеле да бидат вратени и заштитени во земјите на кои им припаѓаат.
- Долготраен процес
Но пет години подоцна, се чини дека процесот на реституција, за кој е потребна законска основа, продолжува да е сложен, така што само неколку дела се вратени во својата африканска татковина.
Според истражувањето на францускиот весник „Ле Монд“, најмалку 90.000 предмети што ѝ припаѓаат на Африка сѐ уште се наоѓаат во француските јавни музеи.
Францускиот Парламент минатиот декември усвои закон што се однесува на реституцијата на културните добра на народите на Бенин и Сенегал, кој им овозможи на двете земји да повратат 26 артефакти од богатството на областа Абомеј (историска престолнина на Кралството Дахомеј), што ги побара Бенин, и мечот на Ел Хаџ Омар Тал, што го побара Сенегал.
Брегот на Слоновата Коска одамна го бара Џиџи Ајокве, амблемски тапан на локално племе, што моментално се реставрира, по што ќе биде вратен во градот Абиџан.
Круната на Ранавалона III, последната кралица на Мадагаскар, вратена е во Атананариво во ноември 2020 година, но без законот неопходен за формализација на нејзината реституција, а со тоа и без какви било официјални правни рамки.
Мали, Чад и Етиопија продолжуваат да ги бараат неколкуте илјади артефакти кои главно се изложени во музејот „Ке Бранли“ во Париз.
Во извештајот доставен до Макрон во ноември 2018 година, подготвен од Савоа и Сар, се наведува дека 85 до 90 отсто од африканското наследство сѐ уште се наоѓа надвор од континентот.
Парискиот музеј „Ке Бранли“ е најмногу загрижен, бидејќи од неговите 70.000 изложени дела, 2/3 се добиени во периодот од 1885 до 1960 година, па затоа потенцијално се дел од украденото наследство.
- Човечки остатоци
Но покрај уметнички дела, постојат и други „предмети“ кои Франција ги држи благодарение на многу дискутабилни историски процедури.
Најновиот случај несомнено се черепите на алжирските борци изложени во „Музејот на човекот“ во Париз, од кои 24 се вратени во Алжир во јули 2020 година.
Официјалното барање за нивно враќање, што го издадоа алжирските власти во декември 2017 година, успеа благодарение на педантната работа на археолозите и алжирскиот историчар Али Фарид Белкади.
Истражувачот идентификуваше 68 черепи што им припаѓале на алжирските антиколонијални борци во познатиот музеј што се наоѓа во срцето на Трокадеро во Париз. Тоа е сторено во 2011 година.
Француските власти имаа обичај, во колонијалното време, да ги праќаат во Париз отсечените глави на оние кои ги сметале за непријатели, да ги чуваат како воени трофеи.
Али Фарид Белкади започна иницијатива и петиција со која бара „репатријација во Алжир на посмртните останки на алжирските борци на отпорот кои се чуваат во француските музеи“.
Меѓу мумуфицираните глави се и черепите на Мохамед Ламжад Бен Абделмалек, познат како Шериф „Бубагла“, шеикот Бузиан, водачот на бунтот Заатша, Муса ел Деркауи и Си Мохтар Бен Куидер ал-Титрави.
Меѓутоа, во октомври минатата година, истрагата што ја спроведе „Њујорк тајмс“ откри дека од 24 черепи само 6 можат да бидат официјално идентификувани, што доведе до сомневање во природата на другите човечки остатоци вратени во Алжир.
Се чини дека 5 години по даденото ветување, Емануел Макрон е далеку од целта што си ја постави себеси, а тоа е враќањето на африканскиот имот на нивниот континент.