Ali Kemal Akan
02 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин, истакна дека воопшто не е чудно што Соединетите Американски Држави (САД) ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повика за заштита на Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не е изненадувачки што САД стави вето на нацрт-резолуцијата во која се бара заштита на палестинскиот народ", напиша Калин на официјалниот профил на Твитер.
Тој додаде дека САД уште еднаш покажаа дека се на „посилната" страна.
„Ветото на САД за нацрт-резолуцијата, која се повикува на заштита на палестинскиот народ, покажа уште еднаш дека Вашингтон е со посилните, но не со праведните. Но, палестинскиот народ и Ерусалим, не се сами. Нашата поддршка за праведната борба продолжува", истакна Калин.
САД во петокот ставија вето на предлог-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која повика на заштита на Палестинците.
САД го спречија усвојувањето на нацрт-резолуцијата што ја предложи Кувајт, а речиси две недели таа беше подложена на жестока дебата.
Нацрт-резолуцијата беше поддржана од 10 земји, додека воздржани останаа Велика Британија, Полска, Холандија и Етиопија.
Во првобитниот предлог се бараше меѓународна заштита за палестинскиот народ, додека во неговата финална верзија беа побарани мерки со цел да се воспостави меѓународна заштита за палестинските цивили.