Betül Yürük
11 Декември 2019•Ажурирај: 15 Декември 2019
ЊУЈОРК (AA) – Обединетите нации (ОН) не најдоа докази дека нападите врз комплексот на саудиската нафтена компанија „Арамко“ се изведени со ракети и беспилотни летала од Иран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го поднесе осмиот извештај до Советот за безбедност за почитувањето на Резолуцијата 2231, која се однесува на договорот за иранската нуклеарна програма.
Во извештајот се наведува дека експертите на ОН ги анализирале останките на ракетните проектили со кои во мај се изведени нападите на саудискиот град Афиф, потоа во јуни на аеродромот „Абха“ и во септември нападите врз нафтените објекти на „Арамко“.
„ОН не можеа да потврдат дека во тие напади се користени оружја од иранско производство, ниту дека тие се трансферирани во спротивност со Резолуцијата 2231“, се наведува во извештајот на Гутереш.
Наведувајќи дека ОН и понатаму собираат информации и водат истрага, во извештајот Гутереш го наведе и тоа дека јеменските бунтовници Хуси не поседуваат беспилотни летала какви што се користени во нападите врз Саудиска Арабија.
Тој тврди дека станува збор за леталата „Модел V9“, кои пред три години се користени и во Авганистан, а за кои не се знае потеклото.
Одговорноста за септемвриските напади врз нафтените објекти на „Арамко“ ја презедоа јеменските бунтовници Хуси. Властите на Саудиска Арабија за нападот го обвинија Иран.