Ekipa
16 Февруари 2016•Ажурирај: 17 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Дејвид Камерон денес во Брисел ќе се состане со неколкумина функционери од Европскиот парламент за да ги увери, пред престојниот самит на лидерите на ЕУ, да го поддржат предлогот реформи, јавува Anadolu Agency (AA).
Камерон од сите свои европски колеги бара да ги поддржат неговите предлог реформи за ЕУ, со цел во јуни во Велика Британија да се распише референдум за останувањето на земјата во Унијата.
Тој денес во Брисел ќе се состане со официјални лица од ЕУ за да разговара за критиките дека европските парламентарци и по референдумот во Велика Британија би можеле да се откажат од реформите бидејќи тие не гарантираат измени на Лисабонскиот договор, главниот акт на Унијата.
Тој вчера во Париз се сретна со францускиот претседател Франсоа Оланд, а од неговиот Кабинет се соопштува дека соговорниците постигнале согласнот за нацрт предлогот реформи што „дава силна основа да добие поддршка на претстојниот Самит”. Во петокот Камерон разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел.
Паралелно со нив, шефот на британската дипломатија Филип Хамонд вчера изјави дека и понатаму ќе има „многу големи прашања” на самитот на ЕУ оваа недела, кога европските лидери ќе се обидат да постигнат договор за останувањето на Велика Британија во Унијата.
„Има многу нешта за кои и понатаму се разговара” кога се во прашање реформите кои ЕУ можеби би ги спровела поради барањето на Лондон.
Лидерите на членките на ЕУ на Самитот кој ќе се одржи на 18-ти и 19-ти февруари во Брисел, ќе расправаат за британскиот предлог реформи, а една од главните теми на самитот ќе биде и актуелната бегалска криза. Фокус на самитот ќе биде хуманитарната помош, контролата на надворешните граници, примена на акциониот план ЕУ-Турција како и формирањето на центри за прифаќање на мигрантите.