Seyit Aydoğan
18 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
ЕДСОН (AA) - Непознати лица викендов се обиделе да подметнат пожар во месџид во градот Едмонтон, во канадската покраина Алберта, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Кралската канадска коњаничка полиција (RCMP) соопштија дека во саботата е извршен обид за подметнување пожар во месџидот на Здружението на исламската заедница во подрачјето на Едсон при градот Едмонтон.
Во соопштението се наведува дека на главниот влез на месџидот е истурен бензин кој потоа бил запален, а пожарот бил изгаснат по интервенцијата на противпожарната служба.
Се истакнува дека во случајот нема повредени и дека продолжуваат активностите за фаќање на напаѓачот.
„Само што ја завршивме молитвата. Го славевме празникот Бајрам. Внатре имаше семејства, и деца. Кога избувна пожарот, некои од нашите членови ја повикаа противпожарната служба. Се спречи голема катастрофа со тоа што пожарната дојде веднаш“, истакна Тефик Батердоук, потпретседател на Здружението на исламската заедница во Едсон.
Батердоук рече дека ги истражувале видеоснимките од месџидот, и за време на избивањето на пожарот забележале како едно лице со чанта брзо се оддалечува од местото на настанот.
Тој нагласи дека месџидот во Едсон веќе 5 години е во функција, и дека досега немале никаков проблем.
„Тука пораснав, моите деца тука се родија, три генерации од моето семејство веќе живеат тука. Ова е многу прекрасно подрачје, никогаш немавме никаков проблем. Некои деца многу се ислашија од пожарот. Ништо не можевме да им кажеме на децата кои не разбираа што се случува. Ние како родители не знаевме како да им кажеме на децата што се случува“, додаде Батердоук.
Премиерката на покраината Алберта, Рејчел Нотли, овој обид за подметнување пожар го опиша како навреда за сите жители на Алберта.
„Сакам муслиманите во Алберта да знаат дека Владата е во нивна поддршка. Ќе ве заштитиме против ваквите реторики на омраза. Најостро го осудувам овој напад. Ниту еден жител на Алберта не може да го прифати ова насилство и болниот дух“, напиша Нотли во објава на социјалните мрежи.