Dejan Maksimoviç
20 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
ОТАВА (АА) - Канадскиот Парламент го усвои Законот со кој ја легализираше рекреативната употреба на марихуаната во целата земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британските медиуми наведуваат дека Законот за канабис ја поминал последната препрека синоќа во Сенатот со 52 гласа за и 29 против. Законот контролира и регулира како наркотикот може да се одгледува, дистрибуира и продава. Се очекува дека Канаѓаните ќе можат законски да ја купуваат и консумираат марихуаната веќе од септември оваа година.
Канада со ова стана втора земја во светот која ја легализираше рекреативната употреба на марихуана. Уругвај во декември 2013 година стана прва земја која ја легализираше продажбата за рекреативна употреба на марихуана, а истото го сторија и одредени американски земји.
Поседувањето канабис во Канада стана кривично дело во 1923 година, а употребата во медицински цели е одобрена во 2001 година. Канаѓаните, веројатно од септември, ќе можат преку интернет да порачаат марихуана од федералните лиценцирани произведувачи. Полнолетните лица во јавноста ќе можат да поседуваат до 30 грама сушена марихуана.
Прехранбените и останатите намирници од канабис нема да бидат достапни веднаш за купување, туку во наредната година од денот кога Законот за канабис ќе стапи на сила. Минималната возраст за купување марихуана на федерално ниво е 18 години, иако некои покраини одлучија тоа да биде од 19 години.