Anees Suheil Barghouti
20 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
РАМАЛА (АА) - Во светот има околу 5,9 милиони палестински бегалци кои ја сочинуваат најголемата бегалска популација, покажуваат податоците на Палестинското централно биро за статистика (PCBS), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на заводот објавено денес се наведува дека палестинските бегалци живеат во 58 кампови во Јордан, Либан, Сирија и други земји, додека многумина се населени во бегалските кампови на Западниот Брег, окупиран од Израел.
„Палестинските бегалци на Западниот Брег, кои се регистрирани во УНРВА (UNRWA) во 2017 година, сочинуваа 17 проценти од вкупно регистрираните бегалци“, се наведува во соопштението по повод Светскиот ден на бегалците.
Јордан има најголем број палестински бегалци, 39 отсто од вкупната бегалска популација Палестинци, по што следуваат Сирија и Либан со 10,5 отсто и 9,1 отсто.
„Стапката на сиромаштија кај палестинските бегалци во 2017 година изнесуваше 39 отсто, додека кај Палестинците кои не се бегалци за истиот период изнесуваше 22,3 отсто“, се вели во соопштението.
Неписменоста меѓу палестинските бегалци во 2017 година кај лицата на возраст од 15 години па нагоре достигна три проценти.
Светскиот ден на бегалците се слави еден месец по 70-годишнината од Накбa, симболот на големата катастрофа, на грабежот и протерувањето на Палестинците од нивната земја, на која пред седум децении е основана државата Израел.