Tarek Chouiref
24 Септември 2025•Ажурирај: 25 Септември 2025
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (AA) – Повеќе од 900.000 Палестинци во Газа oдбиваат да ги напуштат своите домови и покрај постојаното израелско бомбардирање насочено кон присилно раселување на жителите, соопштија денес локалните власти, пренесува Анадолу.
Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа во соопштение информираше дека жителите „цврсто се држат до своето право да останат“ и категорично ги отфрлаат обидите на Израел да ги протера на југ, иако цели населби се подложени на жестоки напади.
Во соопштението се обвинува израелската Армија за спроведување „систематска кампања за измама“ преку рекламирање шатори, помош и хуманитарни услуги што „не постојат на терен“.
Ваквите тврдења, според Канцеларијата за медиуми, имаат за цел да ги принудат цивилите да ги напуштат своите домови и населби.
Се додава дека владините тимови регистрирале зголемување на бројот на семејства кои во последните недели се движат кон југ, што се припишува на „варварските злосторства“ на Израел и интензивираните воени операции.
Израел ја започна операцијата „Гидеонови кочии 2“ претходно овој месец, со цел целосна окупација на Газа.
Речиси еден милион Палестинци, повеќето веќе раселени од други делови на енклавата, остануваат заробени под непрекинато бомбардирање.
Израелската Армија од октомври 2023 година уби повеќе од 65.300 Палестинци, најголемиот дел жени и деца.
Непрестајното бомбардирање ја направи енклавата ненаселива, предизвикувајќи глад и ширење на болести.