Sinan Doğan
28 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
БОГОТА
Илјадници мигранти од Хондурас, вклучително жени и деца, формирале караван и тргнале кон Соединетите Американски Држави (САД) во потрага по подобар живот, и покрај контроверзните американски мерки како што е приведување на 1,7 милиони илегални мигранти долж мексиканската граница во последната година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми денеска објавија дека 4.000 луѓе формирале нов караван во Хондурас, земја оптоварена со насилство, невработеност и сиромаштија. Овие нелегални мигранти се надеваат дека ќе стигнат до Виља Комалтитлана во мексиканската држава Чиапас и дека ќе продолжат до границата со САД и Мексико Сити.
Според податоците на Националниот институт за миграции (ИНМ) на Мексико, во караванот се повеќе од 1.800 жени и деца.
Мексико распореди 500 војници на границата за да го запре приливот на мигранти.
Според податоците на Американската царинска и гранична заштита, силите на безбедноста привеле повеќе од 1,7 милиони мигранти помеѓу октомври минатата година и септември оваа година, од кои милион се депортирани во Мексико или матичните земји.
Низа години мигрантите од Централна Америка се обидуваат да влезат во САД преку Гватемала и Мексико.
Во септември 2019 година Хондурас и САД потпишаа договор за соработка во областа на азилот, кој подразбира Хондурас да прима баратели на азил кои ги упатуваат во САД. Според договорот, Хондурас не може да ги врати мигрантите додека нивните случаи не ги решат сојузните власти на САД.