Büşra Selvi Öğütcen
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
СИДНЕЈ (АА) - Шефот на Секретаријатот за финансии на Ватикан и кардинал на Австралија, Џорџ Пел, на 26 јули ќе излезе пред суд под обвинение дека извршил сексуална злоупотреба на повеќе деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицијата на австралиската сојузна држава Викторија соопшти дека на 26 јули, пред судот во Мелбурн ќе се појави кардиналот Пел (76), кој според хиерархијата е трет човек на Ватикан, под обинението дека во минатото извршил кривично дело сексуална злоупотреба.
Полицијата потсети дека во земјата не постои временско ограничување за подигање обвинение за вакви кривични дела, и беше посочено дека голем број лица поднеле тужба против Пел.
Пел, кој е слободен пред судскиот процес, има право во овој период да поднесе барање за кауција.
Заменик-шефот на полицијата на австралиската сојузна држава Викторија, Шејн Петон, изјави дека минатиот месец донеле одлука кардиналот Пел да биде повикан пред суд, под обвиние дека во периодот на 70-тите години на минатиот век, додека бил на должност во Баларат, извршил сексуална злоупотреба на повеќе деца.
Петон соопшти дека против кардиналот Пел се поднесени повеќе тужби, и додаде дека судскиот процес против австралискиот кардинал ќе започне на 18 јули, во Основниот суд во Мелбурн.
Кардиналот Пел во писмено обраќање преку католичката црква во Сиднеј, ги отфрли сите обвинувања. Со цел „да го исчисти своето име“, Пел соопшти дека ќе дојде во Австралија.
Претходно кардиналот Пел имаше дадено изјава пред Кралската комисија во врска со истрагата за сексуална злоупотреба на деца во католичките цркви во периодот 1980 – 2010 година. Австралискиот кардинал доброволно се сретна и со австралиските полициски службеници кои во октомври 2016 година допатуваа во Рим.
Со цел да се истражат случаите на сексуална злоупотреба на деца во католичките цркви во Австралија, почнувајќи од 1950 година, во 2013 година беше основана Кралската комисија.
На крајот од истражувањето, Кралската комисија соопшти дека 4.444 деца биле жртви на сексуална злоупотреба и силување од страна на свештениците во црквите. Комисијата, која претставува највисок истражен орган во Австралија, продолжува со работата.