Ekip
01 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
ДОХА
Катар е подготвен да игра улога на посредник меѓу регионалните сили за да се постигнат мир и стабилност, изјави Лолвах ал Катер, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Катар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Катар е отворен за медијација, доколку се укаже потреба, од уверение во самото значење на напорите за посредување со цел постигнување мир и глобална стабилност“, изјави Ал Катер во интервју за руската новинска агенција „Спутник“.
Ал Катер зборуваше за можностите официјална Доха да посредува меѓу палестинското движење на отпорот Хамас и Соединетите Американски Држави (САД).
Што се однесува до можностите за посредување меѓу регионалните ривали на Иран и Саудиска Арабија, Ал Катер изјави дека тоа прашање сè уште не е започнато.
Таа додаде дека Катар ја поздравува и таквата можност, истакнувајќи ја важноста на дијалогот со Иран за „мирен соживот во регионот“.
Исто така, нагласи дека и понатаму важи повикот што Катар го упатил до египетскиот претседател, Абдел Фатах ал-Сиси, да ја посети Доха, додавајќи дека точниот датум ќе биде утврден во соработка со египетската страна.
На прашањето за турско-египетските односи, Ал Катер изјави дека Катар го поздравува секој искрен и конструктивен дијалог како ефикасен во решавање на сите отворени прашања.
Исто така, ги повика меѓународните актери да ја разгледаат својата „безусловна поддршка“ за Израел.