Gülşen Topçu
02 Октомври 2023•Ажурирај: 03 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - На Меѓународната конференција за исламофобија во Катар беше истакнато дека треба да се преземат заеднички акции против исламофобијата што почна алармантно да се шири низ светот, јавува Анадолу.
Во периодот од 30 септември до 1 октомври на Универзитетот Џорџтаун во Катар се одржа Меѓународна конференција на тема „Историја и глобални практики на исламофобијата“.
На конференцијата, покрај академици од Универзитетот, учествуваа и социологот Јасин Актај, новинари, уметници и студенти.
Учесниците разговараа за различните глобални, историски, религиозни и политички фактори што предизвикаа ширење на феноменот на исламофобија низ светот, притоа нагласувајќи ја важноста од истражување, дијалог, соработка за елиминирање на практиките на омраза, предрасуди и дискриминација.
Деканот на Универзитетот Џорџтаун, Сафван ал Масри, во завршниот говор на конференцијата посочи дека иницира глобални иницијативи за соочување со расизмот во сите негови форми и манифестации.
Едукација, подигнување на свеста, дијалог, развој на политики и организирање состаноци што ги здружуваат експертите и креаторите на политиките се меѓу примерите што ги наведе Ал Масри што може да се дадат како примери за сработеното во оваа област.
„Конференцијата беше организирана за да се сврти вниманието кон исламофобијата, да се соочи со нејзините разорни ефекти и да ги поддржи напорите на активистите, воспитувачите и интелектуалците“, рече тој.
Професорот по реторика и антиколонијална мисла на Универзитетот во Лидс, Салман Саид, на сесијата на која се зборуваше за интелектуалните корени на проблемот, рече дека исламофобијата се заснова врз идејата дека не е возможно да се „интегрираат муслиманите во општеството“.
„Иако исламофобијата е форма на расистичко владеење што ја таргетира исламската вера, не е неопходно човек да е муслиман за да биде изложен на исламофобија, доволно е да биде близок со муслиманите или да се гледа како муслиман“, посочи Саид.
Професорот по религија, меѓународни односи и исламски студии на Универзитетот Џорџтаун и основачки директор на Муслиманско-христијанскиот центар за помирување „Принц ал-Валид бин Талал“, Џон Еспосито, рече: „Исламофобијата не е еден феномен што наскоро ќе исчезне, напротив станува сѐ полошо и полошо.“