Tuğrul Çam
24 Март 2016•Ажурирај: 25 Март 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери, денес допатува во Москва каде што ќе одржи состанок со претседателот на Русија, Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, јавува Anadolu Agency (AA).
Кери со руските функционери би требало да разговара за начинот на одвивање на преодниот процес во Сирија, откако е договорен прекин на огнот во оваа земја.
Неименуван функционер од министерството за надворешни работи на САД изјави дека применувањето на договорот за прекин на огнот во Сирија е добар, иако повремено доаѓа до нарушување на примирјето. Рече дека состанокот во Москва ќе биде можност да разговара и околу тоа.
„Исто така, Обединетите нации (ОН) продолжуваат со преговорите. Министерот Кери од Путин и Лавров сака да дознае кој е нивниот став кога станува збор за политичкиот преоден процес во Сирија”, рече функционерот.
Додаде дека Кремљ во последните неколку недели има контакт со сирискиот претседател Башар ал-Асад, и рече:
„Доколку договорот за прекин на огнот се претвори во политички преоден процес, тогаш мораме да дојдеме до суштината во смисла каков ќе биде тој преод”.