Riyaz Khaliq
28 Јули 2020•Ажурирај: 29 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, изјави дека нуклеарниот капацитет на земјата трајно ќе ја загарантира нејзината национална безбедност и иднина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова Ким Јонг Ун го изјави на синоќешниот настан во главниот град Пјонгјанг по повод одбележување на 67-годишнината од крајот на Корејската војна (1950-1953), јави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“
Изјавите се јасен сигнал дека Северна Кореја нема намера да се откаже од своето нуклеарно оружје.
„Благодарение на нашата сигурна и ефикасна самоодбрана, повеќе нема да има војна на ова тло и нашата национална безбедност и иднина ќе бидат цврсто и трајно загарантирани“, рече Ким.
Корејската војна однесе над два милиони животи. Силите на Северот, поддржани од Советскиот сојуз и Кина, ги нападнаа воените сили на Јужна Кореја и силите на ОН предводени од САД.
Заврши со примирје потпишано на 27 јули 1953 година, што ги остави Северна и Јужна Кореја технички во војна.
Во услови на постојани тензии на Корејскиот Полуостров и притисок од меѓународната заедница, особено од САД, Ким рече дека нуклеарното оружје пружило можност на Пјонгјанг да се заштити и да ја заштити својата иднина.
„Станавме земја која силно може да се заштити од секаков вид интензивен притисок, и воени закани и уцени“, рече Ким.
Тој нагласи дека ниедна земја веќе нема да може да ја потценува Северна Кореја, предупредувајќи дека секој што ќе го направи тоа ќе плати висока цена.
„Имајќи предвид дека треба да имаме голема моќ за да ја заштитиме судбината на нашата земја и народ, ние никогаш нема да престанеме да го унапредуваме најмоќниот национален одбранбен капацитет“, порача Ким.
Говорот на Ким доаѓа по повеќе од една година по пропаѓањето на преговорите со САД за денуклеаризација.