Riyaz Khaliq Khaliq
04 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претставниците на Кина и Јапонија денес се впуштија во вербален дуел за спорните острови во Источнокинеското Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјален Токио поднесе протест до Пекинг откако беа видени кинески и руски воени бродови како пловат „веднаш надвор од територијалните води на Јапонија“ околу островите Сенкаку во Источнокинеското Море, соопшти јапонската Влада.
„Јапонија ќе одговори одлучно, но на мирен начин на ваквите потези“, изјави Сеиџи Кихара, портпарол на јапонската Влада.
Сепак, официјален Пекинг возврати, велејќи дека Токио „нема право да дава неодговорни забелешки“.
Пекинг и Токио водат спор околу ненаселените острови Сенкаку, контролирани од Јапонија, за кои Пекинг тврди и ги нарекува Диаоју.
„Островите Диаоју и блиските острови се кинеска територија“, изјави Жао Лиџијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Активностите на кинескиот брод во блиските води се легитимни“, изјави Жао за кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.
Кинеската фрегата пловела во зоната на ненаселени островчиња утринава околу шест минути, набргу откако руската фрегата влегла во водите, соопшти јапонското Министерство за одбрана.
„Тоа беше прв пат од јуни 2016 година кога кинеските и руските поморски бродови беа забележани како влегуваат во соседната зона приближно во исто време“, се вели во веста на јапонскиот „Кјодо њуз“.
Такехиро Фунакоши, висок функционер во јапонското Министерство за надворешни работи, исто така разговараше со кинески дипломат во Токио во знак на протест против потегот на Кина и Русија.
Јапонија и Кина во 2008 година се договорија за заеднички активности во областа, но разговорите беа прекинати во 2010 година кога тензиите меѓу двете земји се зголемија по судирот меѓу кинески брод и брод на јапонската Крајбрежна стража.