Fuat Kabakcı
19 Февруари 2020•Ажурирај: 20 Февруари 2020
ПЕКИНГ - Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека се поништени акредитациите на тројца новинари на „Волстрит џурнал“ (Wall Street Journal), поради „напад со расистички и дискриминаторски говор“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на кинеското Министерство, Џинг Шуанг, на прес-конференција истакна дека уредниците на „Волстрит џурнал“ објавиле текст под наслов „Вистинскиот болен човек на Азија“, со кој прават обид да ја оцрнат борбата на Кина против новиот тип на коронавирусот (Ковид-19). „Уредниците употребија расистички и дискриминаторски наслов кој предизвика гнев и осуда од страна на кинескиот народ и меѓународната заедница“, рече портпаролот Шуанг.
Шуанг истакна дека со тоа Кина ја изразила својата реакција кон „Волстрит џурнал“ и од весникот побара да ја сфати сериозноста на грешката и со официјално извинување, одговорните да се повикаат на одговорност.
Истакнувајќи дека „Волстрит џурнал“ не се извинил и не се однесувал одговорно, Шуанг рече „Кинеската страна кон новинарите постапи во согласност со законите и прописите. Кинеската страна не гледа позитивно на користењето на расистички и дискриминаторски говор од страна на овој медиум, кој со зла намера ја напаѓа Кина. Донесена е одлука, според која од денеска им се откажани акредитациите на тројца новинари на Волстрит џурнал.“
Валтер Расел Мид од „Волстрит џурнал“ на 3 февруари во врска со „Ковид-19“ и ставот на Кина, напиша текст под наслов „Кина, вистинскиот болен човек на Азија“, во кој ги критикуваше превентивните мерки што ги презема Кина во врска со епидемијата.