Ekipa
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
САНА (АА) - Коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен, денес соопшти дека уништила два дрона на бунтовниците Хуси насочени кон територијата на Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Коалицијата, пренесено од Саудиската државна новинска агенција (SPA), се вели дека седум дронови на бунтовниците биле пресретнати од страна на саудиската воздухопловна одбрана во последните 24 часа.
Се наведува дека коалицијата цврсто ќе се справи со изворот на заканите, без да се дадат дополнителни детали.
Коалицијата во друго соопштение истакна дека бомбардирала три оперативни центри на бунтовниците во главниот град на Јемен, Сана.
Телевизијата на Хусите „Ал Масира“ соопшти дека воените авиони на коалицијата спровеле пет воздушни напади врз станбената област Ал Анаб во Сана.
Бунтовниците Хуси, поддржани од Иран, редовно најавуваат ракетни напади и напади со дронови врз Саудиска Арабија, велејќи дека тие се реакција на нападите на Коалицијата предводена од Саудиска Арабија врз Јемен.
Во Јемен владее насилство и нестабилност од 2014 година, кога бунтовниците Хуси, поддржани од Иран, зазедоа голем дел од земјата, вклучително и Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која има за цел враќање на јеменската влада, ја влоши ситуацијата, предизвикувајќи една од најлошите хуманитарни кризи во светот. На околу 80 проценти или на 30 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош и заштита, а повеќе од 13 милиони луѓе се на работ на изгладнување, се проценките на Обединетите нации (ОН).
Неодамна објавен извештај на Обединетите Нации предвидува дека до крајот на годината билансот на загинати во седумгодишниот конфликт ќе достигне 377.000.