Zekeriya el-Kemali,Ayşe Sümeyra Aydoğdu
22 Август 2016•Ажурирај: 23 Август 2016
САНА (АА) - Али Абдулах Салих, соборениот претседател на Јемен и сојузник на бунтовничкото шиитско движење на Хусите, изјави дека Русија им е најблизок партнер и декa се подготвени на Русија во борбата против тероризмот да ѝ ги дадат на користење сите касарни, воздушни бази и пристаништа во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
„Од сите блиски, Русија ни е најблизок партнер. Има и влијателна позиција во Советот за безбедност на ОН. Ние ѝ пружаме рака на Русија за борбата против тероризмот која ја поддржуваат и некои непријателски држави”, изјави Салих во интервју за руската телевизија „Русија 24”.
Истакнувајќи дека Јемен со Русија има потпишанo многу билатерални договори кои датираат од периодот на Советскиот сојуз, Салих изјави дека е подготвен сите тие договори да ги стави потворно на сила.
„Се разбираме кога станува збор за приоритетот на борбата против тероризмот. Ние ѝ пружаме рака на Русија и ги нудиме сите можни повластици и договори. Спремни сме да ѝ ги обезбедиме сите повластици, вклучувајќи го и користењето на нашите касарни, воздушни бази и пристаништа”, изјави соборениот јеменски лидер и сојузник на бунтовничките шиити Салих.
Јемен од средината на 2014 година е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, која ескалираше во граѓанска војна кон крајот на истата година кога бунтовничките сили на движењето на Хусите и силите лојални на соборениот претседател Салих го зазедоа главниот град Сана и други важни региони во таа земја.
Легалниот претседател на Јемен, Абдурабу Мансур Хади и неговата влада се протерани во Саудиска Арабија која е нивни главен сојузник во борбата против бунтовниците.
Кризата во Јемен беше на дневен ред на вчерашната седница на Советот за безбедност на ОН, а Велика Британија предложи да се усвои одлуката и објави апел за конструктивно однесување на шиитските бунтовници и соборениот претседател Салих.
Одлуката не е усвоена откако рускиот амбасадор Витали Чуркин услови повикот на конструктивно однесување да не се однесува само на движењето на Хусите и на Салих, туку да се упати кон сите јеменски страни.