Lokman İlhan
17 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
БОГОТА (АА) - Надлежните екипи ги завршија спасувачките активности по уривањето на мостот во изградба во близина на главниот колумбиски град Богота, при што загинаа десет, а повредени се осум работници, јавува Anadolu Agency (AA).
Конструкцијата на мостот се урна во понеделникот, а Националната агенција на Колумбија за управување со вонредни состојби утринава соопшти дека спасувачките екипи ја завршиле акцијата на извлекување на телата на загинатите.
Несреќата се случи на мостот што требаше официјално да биде пуштен во употреба кон крајот на март. Мостот требаше да го спојува автопатот меѓу Богота и Вилависенсија.
Со уривањето на конструкцијата, работниците паднале во провалијата длабока 280 метри. На местото на несреќата загинаа девет, а еден повреден работник почина на патот кон болница.
Во соопштението се наведува дека тројца повредени работници биле пуштени на домашно лекување, а дека четворица се задржани во болница.
Репортерската екипа на АА со дрон го сними подрачјето на кое се случи несреќата.
Утринава и претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, изрази сочуство поради настраданите работници и на ресорното министерство му нареди да се погрижи со истрагата да бидат утврдени сите причини и сите одговорни за несреќата.