Saadet Gökce
30 Декември 2025•Ажурирај: 31 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Комесарката на австралиската федерална полиција, Криси Барет, денес изјави дека таткото и синот обвинети за масовното пукање претходно овој месец на плажата Бонди во Сиднеј дејствувале сами, пренесува Анадолу.
„Нема докази дека двајцата мажи дејствувале како дел од поширока ќелија“, рече Барет за време на презентирањето на најновите наоди за антитерористичката операција започната по нападот на 14 декември, јави Австралиската радиодифузна корпорација.
Во пукањето, што се случи за време на прославата на Ханука, 15 лица беа убиени, а околу 42 беа повредени.
Еден од двајцата осомничени напаѓачи беше убиен, додека другиот беше критично повреден.
Дваесет и четиригодишниот Навид Акрам е обвинет за 59 прекршоци во врска со пукањето, вклучувајќи 15 обвиненија за убиство.
Барет изјави за медиумите дека нема докази дека на Навид и неговиот татко Саџид им било наложено од други да го извршат нападот.
„Со оглед на претстојните судски процеси и други безбедносни прашања, не можам да ги дадам сите детали што ги имаме“, додаде таа.
Премиерот Ентони Албаниз, за време на истата прес-конференција, исто така ја бранеше одлуката на неговата влада да не оформи национална кралска комисија за нападот и покрај повиците за тоа.
Канбера е фокусирана на „обединување на земјата“, рече тој.