Nuri Aydın
02 Јули 2020•Ажурирај: 05 Јули 2020
ВАШИНГТОН
Компанијата за кибербезбедност „Лукаут“ објави извештај во кој тврди дека Кина од 2013 година со шпионски софтвер ги следи ујгурските Турци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Информативниот тим на компанијата „Лукаут“ откри четири шпионски софтверски програми под името „SilkBean“, „DoubleAgent“, „CarbonSteal“ и „GoldenEagle“, а станува збор за софтвер кој го креирале хакери поддржани од Кина.
Во извештајот се наведува дека хакери од 2013 година со поддршка на Кина ги следат ујгурските Турци, и се додава дека со шпионски активности можат да бидат опфатени ујгурските заедници во вкупно 14 земји. Во извештајот се нагласува дека шпионскиот софтвер главно се користел против ујгурските Турци, но постои можност цел на споменатиот софтвер да бидат и останатите муслимански малцински групи, како и Тибетанците.
„Примарна цел на овој шпионски софтвер е собирање приватни кориснички податоци“, се истакнува во извештајот.
Апурва Кумар, инженер за киберзакани од „Лукаут“ (Lookout) за весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times) изјави дека Кина со помош на софтвер за шпионажа, како што е ловецот, го следи пленот, ги следи Ујгурите каде се движат и во кои земји патуваат.
Официјалните лица наведоа дека шпионскиот софтвер е инсталиран по пат на лажни апликации за е-трговија или со „крадење на идентитет“.
Автономната покраина Синкјанг е најголема кинеска покраина во која доминира муслиманско население кое го чинат припадници на турските етнички заедници на Ујгури и етнички Казахстанци.
Кинеската организација за заштита на човековите права веќе извесно време се обидува на меѓународната заедница да ѝ укаже на проблемот на ујгурската заедница во Синкјанг во која милиони луѓе се затворени во логори за трансформација и доедукација.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) неодамна во својот извештај наведе дека голем број луѓе во Синкјанг во изминатите две години завршиле во притвор во таканаречените центри за политичка едукација, а станува збор за лица кои кинеските власти ги оцениле за опасни и против нив е издадена наредба за таканаречено превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на тие центри за политичка едукација и тоа јасно го пренесе до кинеските официјални лица на состанокот за Дијалог за човечките права.
Официјален Пекинг го негира постоењето на такви логори во Синкјанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврди дека станува збор за центри кои се користат исклучиво за стручно образование.