свет

Кремљ го пофали турското менаџирање на ситуацијата во Црното Море во услови на конфронтации

„Присуството на држави што не се од регионот на Црното Море во областа на Црното Море е строго регулирано со Конвенцијата од Монтре. Во овој случај Туркије е администратор и точно ги извршува своите функции“

Elena Teslova  | 18.07.2024 - Обновена : 19.07.2024
Кремљ го пофали турското менаџирање на ситуацијата во Црното Море во услови на конфронтации

МОСКВА (АА) – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес ја пофали Туркије за менаџирањето на ситуацијата во Црното Море во актуелните услови на конфронтации, јавува Анадолу.

На брифингот за новинарите во Москва за новата стратегија за поморска безбедност на Украина насочена кон обезбедување постојано присуство на НАТО во Црното Море, Песков нагласи дека според Конвенцијата од Монтре, со која се регулира поморскиот сообраќај во регионот, Туркије е администратор со овластување да го менаџира присуството на нерегионалните држави.

„Присуството на држави што не се од регионот на Црното Море во областа на Црното Море е строго регулирано со Конвенцијата од Монтре. Во овој случај Туркије е администратор и точно ги извршува своите функции“, нагласи тој.

Песков истакна дека Русија ги доживува воените бродови на НАТО во Црното Море како дополнителна закана за нејзината безбедност и дека ќе ги преземе сите неопходни одбранбени мерки.

„Концентрираното присуство на воени бродови на НАТО, земајќи ги предвид Бугарија и Романија како (воено) крајбрежни држави на Алијансата, секако претставува дополнителна закана за Руската Федерација. Со оглед на сѐ подиректното вклучување на државите на НАТО во конфликтот околу Украина, Русија ќе ги преземе сите неопходни мерки за осигурување на сопствената безбедност“, рече тој.

Во врска со иницијативата на шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, за претворање на блокот во воена унија, Песков истакна: „Ова уште еднаш го потврдува ставот на европските држави кон милитаризација, ескалација на тензиите, конфронтација и потпирање на конфронтациски методи во нивната надворешна политика.“

Песков нагласи дека иако заедничката одбранбена и безбедносна политика отсекогаш била дел од процесот на интеграција на ЕУ, таа никогаш не била главна насока на развој на блокот.

„Се чини дека г-ѓа Фон дер Лајен говори за промена на приоритетите и за давање воен карактер на овој сојуз (блок). Најверојатно оваа работа ќе се преклопи со интеракциите што ги имаат земјите на ЕУ во рамките на Северноатлантската алијанса“, посочи тој.

Претставникот на Кремљ ги отфрли обвинувањата дека Русија претставува закана за Европа, тврдејќи дека Москва ги брани своите интереси во Украина.

„Руската Федерација не претставува и никогаш не претставувала закана за никого во Европската Унија. Таа ги штити своите интереси во Украина, особено кога земјите од Европската Унија отфрлија секаква можност за дијалог и разгледување на загриженоста на Русија“, нагласи портпаролот на Кремљ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.