Ali Cura
12 Февруари 2022•Ажурирај: 13 Февруари 2022
МОСКВА
Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, соопшти дека телефонскиот разговор меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и претседателот на САД, Џо Бајден, е планиран за 12 февруари навечер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Песков на новинарите им изјави дека американската страна побарала состанок меѓу Путин и Бајден и додаде дека состанокот е планиран за 12 февруари навечер по московско време.
Тој наведе дека Путин истиот ден планирал телефонски разговор со претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, претходно изјави дека Бајден наскоро ќе има телефонски разговор со Путин, за да разговара за кризата меѓу Русија и Украина.
Претседателот на Русија, Путин, и претседателот на Франција, Макрон, на 8 февруари се состанаа во Москва, главниот град на Русија, а Макрон веќе утредента замина во службена посета на Киев, главниот град на Украина.
Од претходно е планирано Макрон да има телефонски разговор со Путин по посетата на Украина.
САД предупредија дека руската инвазија на Украина би можела да започне во текот на Олимписките игри во Пекинг кои завршуваат на 20 февруари.
„Инвазијата би можела да почне во кој било момент доколку [претседателот на Русија] Владимир Путин одлучи да го нареди тоа... Би можела да започне во текот на Олимписките игри и покрај бројните нагаѓања дека тоа ќе се случи по Олимписките игри“, изјави Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џо Бајден, на конференцијата за новинари.
Саливан додаде дека Вашингтон е подготвен да ја продолжи дипломатијата насочена кон резултати, што се занимава со безбедносните проблеми на САД, Русија и Европа.
Тој истакна дека руската инвазија на Украина би можела да започне со бомбардирање и ракетни напади, за кои рече дека „очигледно би можеле да убијат цивили без разлика на националноста“.
Советникот за национална безбедност ги повика Американците во Украина да ја напуштат земјата што е можно побргу, „но во секој случај, во наредните 24 до 48 часа“.