Elena Teslova
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
МОСКВА (АА) - Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и британскиот премиер Борис Џонсон во рамките на Конференцијата во Берлин за Либија беше кратка, но конструктивна, изјави руски официјален претставник, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Содржината на средбата беше поразлична од она што Кабинетот на британскиот премиер го објави по состанокот“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за новинарите во Москва.
„Генерално, средбата беше кратка, но истовремено да кажеме, доста конструктивна, со елементи на помирувачки став. Очигледно духот на средбата јасно се разликува од сржта на соопштението на Даунинг стрит“, изјави тој.
Коментирајќи ја средбата на Путин и Џонсон во Берлин, Даунинг стрит соопшти дека британскиот премиер бил јасен дека не дошло до промена на ставот на Велика Британија во случајот за Солсбери, кој го окарактеризира како непромислена употреба на хемиско оружје и смел обид за убиство на невини луѓе на тлото на Велика Британија, и предупреди против повторувањето на ваков напад.
„Премиерот рече дека двајцата имаат одговорност да ги решат прашањата од меѓународната безбедност, вклучувајќи ги Либија, Сирија, Ирак и Иран. Премиерот рече дека нема да има нормализирање на нашите билатерални односи сè додека Русија не ја прекине дестабилизирачката активност што се заканува на Велика Британија и на нашите сојузници, и ја поткопува безбедноста на нашите граѓани, како и нашата колективна безбедност“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.
Во март 2018 година, поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа затруени во јужниот град Солсбери во Велика Британија со хемиски нервен агенс.
Тие закрепнаа и беа пуштени од болница и оттогаш се кријат. Лондон ја обвинува Москва за хемискиот напад кој предизвика глобална осуда.