Aslı Aral
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) – Британската парламентарна комисија за одбрана ја критикуваше владата дека не води политичка стратегија во борбата со ДАЕШ. Критикувајќи дека кон Сирија, од минатата година досега се извршени само 65 воздушни напади, комисијата ја повика владата да ја преиспита својата стратегија, јавува Anadolu Agency (AA).
Комисијата објави извештај во врска со воените операции на Велика Британија против ДАЕШ во Сирија и во Ирак.
Во извештајот, иако фактот дека некои територии се ослободени од ДАЕШ е задоволителен, британската Влада наидува на критики дека нема политичка стратегија за справување со ДАЕШ во Ирак и во Сирија. Од декември 2015 досега, Велика Британија изведе 550 воздушни напади кон Ирак, а кон Сирија само 65, стои понатаму во извештајот.
Во овој извештај на 11-члената комисија е забележано дека нема податок за тоа кои сириски опозициски групи ги поддржува британската Влада.
„Како резултат на нашата интензивна кореспонденција со Министерството за одбрана, не дојдовме до прецизна листа на групи што ги поддржува британската Влада. Поради тоа што нема официјална листа, до информациите дојдовме преку други институции. И покрај тоа што некои групи се совпаѓаат, нема консензус за политичките и верски мотивации на опозициските групи“, се вели во извештајот на комисијата.
Комисијата преиспита и дали е доволна стратегијата на владата во однос на борбата против ДАЕШ, и даде совет владата да ја преиспита својата стратегија во однос на ова прашање.
„Стратегијата на Британија и на коалицијата во борбата против ДАЕШ е насочена кон тоа организацијата да губи територија во Ирак и во Сирија. Ова е потребно, но не и доволно. Доколку ДАЕШ стане меѓународна организација како случајот со Ал Каеда, тогаш британската Влада треба да си го смени својот однос кон неа. На пример, доколку ДАЕШ наиде на пораз на Блискиот Исток, а зајакне во Африка, тогаш ќе биде потребна ревизија на сегашната стратегија“, стои во извештајот.
Претседателот на комисијата за одбрана, Џулијан Луис, во врска со извештајот рече: „И покрај тоа што има напредок во борбата против ДАЕШ во Ирак, ситуацијата во Сирија е многу посложена. Да претпоставиме дека ДАЕШ е отстранета и од двете држави. Ние треба да се насочиме кон следната фаза“.