Seyit Aydoğan
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
ТОРОНТО
Канада, која е една од најбогатите земји во светот, е критикувана поради тоа што снабдувала вакцини од програмата создадена за исполнување на потребата на сиромашните земји за вакцината против пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Стивен Луис, поранешен специјален претставник на Обединетите нации (ОН) за HIV/AIDS во Африка, на ТВ-програма на канадската телевизија CTV говореше за настаните во програмата за вакцини КОВАКС, чиј партнер е и Канада.
Луис потсети дека КОВАКС е структура што е финансирана од страна на Канада и другите партнери, со цел осигурување вакцини за сиромашните земји кои не може да се натпреваруваат со богатите земји.
Нагласувајќи дека Канада ја употребила оваа програма за своја корист, Луис рече дека тоа е погрешно и дека Канада е прва земја членка на Г7 која го прави тоа.
Според него, Канада не треба да се вклучи во оваа меѓународна програма за споделување вакцини, создадена за гарантирање вакцини за земјите што се во развој, а не се во можност да ја исполнат потребата за вакцина.
„Од морален аспект е погрешно тоа што Канада обезбеди 1,9 милиони вакцини од оваа програма“, додаде тој.
Инаку, иницијативата КОВАКС беше започната во април 2020 година од страна на Светската здравствена организација (СЗО), Глобалниот сојуз за вакцини и вакцинација (GAVI) и Иновативната коалиција за подготовка против заразни болести (CEPI).