Mehmet Şah Yılmaz,Muhammet Tarhan
10 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Молиме за помош за излез на цивилите од градот Мариупол. Треба да се создаде хуманитарен коридор за да се обезбеди хуманитарна помош за Мариупол. За жал [рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров], не се обврза на тоа. Тој, сепак, рече дека ќе разговара и ќе се допишува со надлежните органи во однос на ова прашање, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кулеба го оцени трилатералниот состанок на министрите за надворешни работи, Русија - Украина - Турција, што се одржа во хотелот „Регнум Карја“ во Анталија на маргините на Форумот за дипломатија во Анталија (ADF) со посредство на Турција.
„Сакам да му се заблагодарам на [Мевлут] Чавушоглу. Тој успеа да ја олесни оваа средба“, рече Кулеба, додавајќи дека ова е првата средба остварена со Русија на ниво на Министерството за надворешни работи на Украина од почетокот на руските напади врз Украина.
Дмитро Кулеба, истакнувајќи дека украинскиот град Мариупол е под постојано бомбардирање од воздух и дека на состанокот дошол од хуманитарни цели, нагласи: „Молиме за помош за излез на цивилите од градот Мариупол. Треба да се создаде хуманитарен коридор за да се обезбеди хуманитарна помош за Мариупол. За жал [рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров] не се обврза на тоа. Тој, сепак, рече дека ќе разговара и ќе се допишува со надлежните органи во однос на ова прашање. Побаравме 24-часовен прекин на огнот, но не можевме да направиме никаков напредок. Ми се чини дека другите носители на одлуки ќе мора да се вклучат во тоа.“
Наведувајќи дека решиле да продолжат со напорите во врска со хуманитарните прашања на терен, министерот Кулеба додаде: „Се согласив повторно да се сретнам во ваков формат. Доколку има потреба, се согласувам повторно да се сретнам за да се најде решение.“
Тој изрази надеж дека Лавров ќе се консултира со носителите на одлуки во Русија и дека хуманитарниот коридор ќе функционира, и рече: „Ние не можеме да ја запреме војната. Ако земјата/државата што напаѓа, не го сака тоа, ние не можеме да ја запреме војната.“
Подвлекувајќи дека единственото нешто што им е потребно денес е „сериозен и конструктивен состанок“, Кулеба рече: „Кога руската страна ќе биде подготвена за средба, и јас ќе бидам подготвен за таа средба.“
Министерот Кулеба, исто така, додаде: „Дојдов овде како министер за надворешни работи, како носител на одлуки, со цел да најдам решение, но тој [Лавров] дојде само да слуша.“