Mustafa Melih Ahıshalı
05 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Претседавачот со иранскиот Парламент, Али Лариџани, денеска изјави дека убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани на ирачка територија не е во согласност со ниту едни меѓународни правила, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведува иранската новинска агенција ИРНА, Лариџани во обраќањето пред иранските парламентарци истакна дека нападот е изведен на меѓународен аеродром.
„Американските сили на меѓународен аеродром на една земја со хеликоптер и авион убија високи команданти на Иран и Ирак. Тоа не е во согласност со никакви меѓународни правила“, рече Лариџани.
Истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп го зел Сулејмани како цел, што го нарече „воен тероризам“, напоменувајќи дека убиството на иранскиот генерал ги променило политичките случувања во регионот и во светот.
Нагласи дека не се точни тврдењата на американските претставници дека Сулејмани планирал напади врз американски сили во Сирија, Либан и Ирак.
„Ова тврдење е обична лага. Американската јавност и Парламентот мора да знаат дека ова не е ништо друго туку обид за прикривање на терористичко убиство“, рече Лариџани, и го повика Трамп да ги повлече американските трупи од регионот.
Пратениците во Парламентот во еден момент извикаа „Проклета Америка!“.
Генералот Сулејмани, кој ја предводеше елитната единица при Иранската револуционерна гарда, беше убиен во петокот во воздушен напад во Багдад, а Министерството за одбрана на САД соопшти дека нападот го извршиле американските сили под директива на претседателот Трамп.
Пентагон го обвини Сулејмани за планирањето на нападот врз Амбасадата, како и дека планира да изврши дополнителни напади врз американски дипломати и службеници во Ирак и регионот, истакнувајќи дека убиениот командант е одговорен за смртта на стотици Американци и коалициски партнери.
Иранскиот верски лидер Али Хаменеи најави остар одговор на американскиот напад, а во Иран е прогласена тридневна жалост.