Murat Ünlü
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ПАРИЗ (АА) - Лидерката на екстремната десничарска партија Национален фронт во Франција, Мари Ле Пен, изјави дека Франција не одиграла никаква улога во геноцидот на париските Евреи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не мислам дека Франција е одговорна за тоа што париските Евреи биле испратени во Германија (Вел д'Ив). Општо кажано, ако некој е одговорен за тоа, тоа се оние што биле на власт во тоа време, а не Франција“, истакна Ле Пен за телевизискиот канал „ЛЦИ“.
Ле Пен наведе дека таа сака француските деца повторно да бидат горди што се Французи.
Поранешните претседатели, Жак Ширак и Франсоа Оланд, упатија извинување поради однесувањето на француската полиција, која по наредба на нацистичките претставници во Франција, во 1942 година собрала околу 13.000 Евреи и ги испратила во нацистичките кампови.
Емануел Макрон, лидер на партијата „Напред!“ (En Marche!), кој е противкандидат на Ле Пен на престојните претседателски избори чијшто прв круг на гласање е закажан кон крајот на месецот, во својата изјава за телевизискиот канал „БФМТВ“ ги окарактеризира зборовите на Ле Пен како „сериозна грешка“.
ЦРИФ, покривна организација на сите еврејски организации, издаде соопштение во коешто се наведува дека зборовите на Ле Пен претставуваат понижување за Франција.
И поранешниот лидер на партијата Национален фронт, воедно и татко на Марин Ле Пен, Жан-Мари Ле Пен, холокаустот го опиша како „детаљ на историјата“, предизвикувајќи контроверзии во јавноста.