свет

Либан: Посветени сме на имплементацијата на Резолуцијата 1701 на ОН по прекинот на огнот со Израел

Прекинот на огнот стапи на сила рано утринава за да стави крај на 14-месечните борби меѓу израелската армија и групата Хезболах

Rania R.a. Abushamala  | 27.11.2024 - Обновена : 27.11.2024
Либан: Посветени сме на имплементацијата на Резолуцијата 1701 на ОН по прекинот на огнот со Израел

БЕЈРУТ (АА) - Либанскиот премиер Наџиб Микати денес ја повтори посветеноста на спроведувањето на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН по договорот за прекин на огнот со Израел, јавува Анадолу.

Прекинот на огнот стапи на сила рано утринава за да стави крај на 14-месечните борби меѓу израелската армија и групата Хезболах.

„Ја потврдивме посветеноста на Владата за целосно спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, за зајакнување на присуството на либанската армија на југ и за соработка со привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ)“, изјави Микати.

Тој го повика Израел да се придржува кон договорот за прекин на огнот, да се повлече од териториите што ги окупираше во Јужен Либан и целосно да ја спроведе Резолуцијата на ОН.

Либанскиот премиер, исто така, ги повика земјите од светот и меѓународните организации „да преземат одговорност во овој поглед“.

Во Резолуцијата 1701, усвоена на 11 август 2006 година, се повикува на целосно запирање на непријателствата меѓу Хезболах и Израел и воспоставување зона без оружје меѓу Сината линија и реката Литани во Јужен Либан, со исклучоци за либанската армија и УНИФИЛ.

„Денес започнува патувањето од илјада милји за обнова на уништеното и за продолжување на зајакнувањето на улогата на легитимните институции, со армијата во првите редови, на кои полагаме голема надеж, да го потврдиме државниот авторитет над секоја педа од татковината и да го унапредиме нашето присуство на ранетиот југ“, рече Микати.

Според условите за прекин на огнот, Израел постепено ќе ги повлече своите сили јужно од Сината линија, а либанската армија ќе ги распореди своите сили во Јужен Либан во период што не надминува 60 дена.

Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан стапи на сила неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека е постигнат договор за ставање крај на конфликтот, со надеж дека тоа ќе ги запре израелските воздушни напади врз либанските градови и ќе стави крај на едногодишните прекугранични борби.

Според либанските здравствени власти, во израелските напади во Либан убиени се повеќе од 3.800 луѓе, а над еден милион се раселени од октомври минатата година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.