Mahmoud Mohamed Barakat
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
БЕЈРУТ
Десетици членови на семејствата на жртвите од експлозијата во пристаништето во Бејрут организираа протест во близина на Парламентот, поради, како што наведоа, одолговлекување на истрагата во врска со експлозијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите ги држеа сликите на своите роднини загинати во експлозијата, како и транспаренти со слогани кои го осудуваат одолговлекувањето.
Семејствата на жртвите потврдија дека имаат доверба во либанското правосудство, односно дека праведно и транспарентно ќе им донесат правда. Меѓутоа, предупредија дека ќе бараат помош од меѓународните судови, доколку кон нив не постапуваат чесно.
Разорна експлозија го стресе пристаништето во Бејрут на 4 август. Експлозијата, која предизвика огромна штета во главниот град на Либан, се случи во момент кога земјата беше во економска криза, во екот на пандемијата од коронавирусот.