свет

Либанскиот премиер го поздрави меѓународниот повик за привремен прекин на огнот со Израел

Доцна синоќа Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и девет земји ги повикаа двете страни да се согласат на 21-дневен прекин на огнот

Ahmed Asmar  | 26.09.2024 - Обновена : 27.09.2024
Либанскиот премиер го поздрави меѓународниот повик за привремен прекин на огнот со Израел

ИСТАНБУЛ (АА) - Либанскиот премиер Наџиб Микати денес го поздрави заедничкиот повик за привремен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах поради ескалацијата на прекуграничните напади, јавува Анадолу.

Доцна синоќа Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и девет земји ги повикаа двете страни да се согласат на 21-дневен прекин на огнот.

Во својот говор на седницата на Советот за безбедност, Микати ја истакна потребата од „заеднички напори од сите членки на Советот за безбедност на ОН (СБОН) за притисок врз Израел за итен прекин на огнот на сите фронтови“, мислејќи и на Газа и на Либан.

Микати нагласи дека одговорноста за спроведување на прекинот на огнот и меѓународните резолуции е на Израел, јави либанската државна новинска агенција ННА.

Во заедничката изјава на САД и ЕУ, како и Австралија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, ситуацијата меѓу Израел и Либан од 8 октомври е опишана како „нетолерантна“.

Ситуацијата „претставува неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација“, нагласија тие. „Ова не е во ничиј интерес, ниту на народот на Израел ниту на народот на Либан.“

„Затоа повикуваме на итен 21-дневен прекуграничен прекин на огнот меѓу Либан и Израел со цел да се обезбеди простор за дипломатија кон склучување дипломатско решение во согласност со резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и спроведување на резолуцијата 2735 во врска со прекинот на огнот во Газа“, се наведува во заедничката изјава.

Во претходна изјава американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон рекоа дека размената на оган преку границата меѓу Израел и Либан е закана за многу поширок конфликт и опасност за цивилите.

Регионалните тензии ескалираа поради смртоносните воздушни напади на Израел врз Либан од понеделникот, во кои загинаа речиси 610 луѓе, а над 2.000 се повредени, според либанските здравствени власти.

Либанската група Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 41.400 луѓе, главно жени и деца.

Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста од регионално проширување на конфликтот од Газа.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.