Barış Seçkin
02 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
РИМ (АА) - Либискиот вицепремиер Ахмед Муајтик истакна дека кога Либија минувала низ тешки времиња, само Турција застанала до нив, за што се благодарни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку видеоконференција, на Форумот за дијалог „МЕД-Медитеран“, кој оваа година се одржа по шести пат во Рим, Муајтик се осврна на случувањата во неговата земја.
Истакнувајќи дека Либија претходно била нападната од ДЕАШ, Муајтик рече дека за тој напад добиле голема поддршка.
Но, според Муајтик, ситуацијата се развила поинаку за време на нападот на пучистот генерал Калифа Хафтар и неговата милиција врз Триполи во април 2019 година.
„Ние нашите партнери ги повикавме да ја поддржат легалната Влада на Либија. Од Турција имаше позитивен одговор. Само Турција на меѓународната арена беше до нас и ја поддржа легитимната Влада. Им благодариме на оние што во тој тежок период беа до нас“, нагласи вицепремиерот Муајтик.
Вицепремиерот Муајтик, исто така изјави дека покрај во воената и безбедносната област, Турција и Либија имаат и добри економски односи.
Тој додаде дека посебна успешна приказна е тоа дека Стефани Вилијамс, специјалната претставничка на Обединетите нации (ОН) за Либија, ги закажала изборите за 24 декември 2021 година.
Муајтик исто така информира дека утре ќе бидат утврдени претседателскиот совет и механизмите за тоа како ќе биде избран претседателот.