Gözde Bayar
07 Јуни 2020•Ажурирај: 07 Јуни 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либискиот премиер Фајез ал Сараџ денес оствари средба со воените претставници, на која станало збор за безбедносните мерки и можните закани во неодамна ослободените области во Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сараџ се сретна со генерал-полковник Мухамед ал Шариф, началникот на Генералштабот на Армијата, и со командантите на воените зони“, се вели во соопштението на Владата.
На состанокот е разговарано за прашања како евентуалните закани, за најновата состојба во регионот и за развојот на координативниот механизам меѓу воените зони во земјата.
Либиската Армија вчера ја започна воената операција „Патот на победата“, со цел заземање на градовите Сирт, Џуфра и населените места во Вади Вишка, Буерат, Џариф и Каср Абу Хаид од силите на Хафтар.
Армијата исто така вчера го ослободи подрачјето на Вади Вишка во близина на источниот град Сирт.
Ова напредување се случи по еден ден откако Армијата го ослободи стратешкиот град Тархуна - последното упориште на Хафтар во западна Либија.
Силите на Хафтар од април 2016 изведуваат напади врз меѓународнопризнатата либиска Влада со седиште во главниот град Триполи, при што во судирите загинаа над 1.000 лица.
Владата ја започна операцијата „Бура на мирот“ во март за да се спротивстави на нападите врз главниот град, а неодамна поврати стратешки локации, меѓу кои и воздухопловната база „Ал-Ватија“ и Тархуна, што се смета за значаен удар врз милициите на Хафтар.