Övünç Kutlu
07 Август 2020•Ажурирај: 09 Август 2020
ТРИПОЛИ
Либиската национална нафтена компанија (NOC) соопшти дека ја поздравува одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за воведување санкции за тројца поединци и компанија за кои се тврди дека криумчареле нафта и дрога од Либија на Малта, се наведува во соопштението, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата наведе дека мрежата на криумчари значително придонела за дестабилизација на Либија, додавајќи дека ќе продолжи внимателно да ги следи сите криумчарски акции во различни региони во таа земја.
„Ние и понатаму ќе поднесуваме извештаи до Кабинетот на државниот обвинител и Одборот за санкции на Советот за безбедност и ќе ги следиме законските постапки за да одговараат сите оние кои се вклучени во вакви незаконски работи“, изјавија од НОК.
Министерството за финансии на САД вчера објави дека се воведени финансиски санкции на државјанинот на Либија, Фајсал ал Вади, операторот на бродот „Мараја“, двајца негови соработници, Мусбах Мохамад М. Вади и Ноурдин Милод М. Мусбах и компанијата „Алвефг Лтд.“, со седиште на Малта.
„Фајсал ал Вади и неговите соработници криумчареле гориво од Либија и ја користеле земјата како транзитна зона за криумчарење на нелегални дроги. Трката за контрола на криумчарските рути, нафтените постројки и транспортните центри е клучен двигател на судирите во Либија и либискиот народ го лишува од економските ресурси“, изјави во соопштението заменик-американскиот министер за финансии, Џастин Г. Музинич.
Се наведува дека кривичните дела на Вади вклучуваат криумчарење на дрога и либиска нафта на Малта и транспорт на либиско гориво и дрога.