Enes Canlı
24 Мај 2020•Ажурирај: 24 Мај 2020
АНКАРА
Милицијата поврзана со пучистот Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот на земјата, во утринските часови на Рамазан бајрам го бомбардираше аеродромот „Митига“ во главниот град Триполи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на прес-центарот на операцијата „Вулкан на гневот“, што ја води Владата на национално единство, милицијата на Хафтар во раните утрински часови со ракети го нападнала аеродромот „Митига“ во главниот град.
Во соопштението се наведува дека нападот покажува дека милициите на Хафтар немаат почит кон Рамазан, кон Рамазан бајрам, традициите и повиците за прекин на огнот.
Во изјавата не се споделени никакви информации за тоа дали има загуба на животи или материјална штета.
Либиската Армија неодамна постигна многу воени успеси против милициите поврзани со Хафтар.
Либиската Влада, која во понеделникот ја протера милицијата на Хафтар од стратешката база „Ватија“ во западниот дел на земјата, продолжува да ги расчистува и другите области во западните региони на земјата.
Армиските единици го опколија градот Терхуне, што беше користен како центар за операции и снабдување во нападите на милициите на Хафтар. Исто така, принудија некои вооружени групи да се повлечат од фронтовите на југот на главниот град за да го одбранат градот Терхуне.
Армиските единици вчера напредуваа на оската Селахадин и Ал Мешру и ги зазедоа критичните точки во регионот од милициите на Хафтар. Исто така ја презедоа и контролата врз кампот „Ал Текбали“. Се истакнува дека милицијата на Хафтар при повлекувањето во населените места поставувала мини.