Ekipa
24 Септември 2021•Ажурирај: 25 Септември 2021
МАДРИД - Карлес Пуџдемон, поранешен претседател на шпанската автономна администрација Каталонија кој избега од Шпанија по неуспешниот обид за стекнување независност, приведен е на италијанскиот остров Сардинија, соопшти неговиот адвокат Гонзало Боје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Боје на социјалната мрежа Твитер објави дека Пуџдемон е приведен по доаѓањето на Сардинија, каде што патувал во улога на член на Европскиот парламент.
Поранешниот претседател на Каталонија во октомври 2017 година избега во Белгија за да избегне приведување, а потоа премина во Германија, каде што е притворен во март 2018 година, по што е ослободен во април.
Врховниот суд на Шпанија таа година издаде меѓународна потерница за негово приведување под обвинение за бунт и злоупотреба на јавните средства, но ја поништи во јули 2018 година.
Парламентот на Каталонија прогласи независност врз база на референдумот за независност одржан на 1 октомври 2017 година, иако шпанската Влада референдумот го прогласи за неуставен.
Пуџдемон го предводеше неуспешниот обид за отцепување на најбогатата шпанска покраина и нејзино осамостојување.