Ekipa
07 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
СЕУЛ (АА) - Лидерот на јужнокорејската опозиција и претседател на конзервативната Партија на ослободувањето на Кореја, Хонг Џун Пјо, го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да биде внимателен на средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кого го обвини за лажна мировна претстава, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пет дена пред очекуваниот самит Трамп - Ким, лидерот на опозицијата во Јужна Кореја го предупреди официјален Вашингтон дека подобро би било Трамп да се откаже од самитот, доколку смета дека не може да го натера авторитарниот лидер Ким Џонг Ун на потпишување на договорот за целосно денуклеаризирање на Северна Кореја и да обезбеди дека овој процес ќе го следат странски експерти.
„Секој договор кој би обезбедил помош за Северна Кореја може само да му помогне на нејзиниот режим да го забрза развојот на нуклеарната и балистичка програма“, рече Хонг во изјава што ја пренесува јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ (Yonhap).
Тој, исто така, го предупреди Трамп дека не треба да се согласи на какво било намалување на американското воено присуство во Јужна Кореја.
Јужнокорејскиот конзервативен блок е традиционално многу поблизок во односите со САД од либералната Влада на актуелниот претседател Мун Џае Ин и неговата Демократска партија, особено во однос на визијата за решавање на повеќедецениската корејска криза.
Меѓутоа, таа традиционална шема на релација Сеул - Вашингтон значително ја промени блискиот однос на актуелниот претседател Мун со Трамп.
Јавноста на Корејскиот Полуостров претежно го поздравува најавениот самит Трамп - Ким кој ќе се одржи на 12 јуни во Сингапур, но конзервативните кругови во Сеул не го кријат изненадувањето и вчудовиденоста од фактот дека Трамп се согласил на самитот без претходни гаранции од другата страна.