Mehmet Yılmaz
14 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
БУДИМПЕШТА
Според неофицијалните прелиминарни резултати од локалните избори во Унгарија, опозицијата оствари голема победа во главниот град Будимпешта, јавува Anadolu Agency (AA).
Заедничкиот кандидат на опозицијата за градоначалник на Будимпешта, Гергели Карашони, освои 50,8 отсто од гласовите, додека кандидатот на владејачките партии Фидес и Христијанската демократска народна партија (KDNP), Остван Тарлос, освои 44 отсто од гласовите.
Според прелиминарните резултати, опозицијата победи во 13, а владејачките унгарски партии во 7 изборни единици во Будимпешта.
Владејачката коалиција на премиерот Виктор Орбан победи во 13 од 23 големи унгарски градови, додека обединетата опозиција славеше победа во 10 градови.
Премиерот Орбан порача дека владејачката коалиција Фидес - КДНП и понатаму е најсилна политичка опција во Унгарија.
Тој го призна поразот во Будимпешта, градот со кој неговата партија управуваше во изминатите 9 години и порача дека е подготвен во интерес на жителите на градот, да соработува со новоизбраниот градоначалник.
Право на глас на локалните избори во Унгарија имаа над 8 милиони гласачи, а на изборите излегоа 48,5 отсто од гласачите.